Објавено во

Претставници на пет новинарски и медиумски организации денеска се сретнаа со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

На средбата беше разговарано за можноста за продолжување на разговорите за медиумските реформи пред изборите.

Петте организации го пренесоа ставот дека сè додека не бидат спроведени медиумските реформи, во Македонија нема да има услови за слободни и кредибилни избори.
Претставниците на организациите го информираа Претседателот дека во текот на следната недела ќе достават иницијатива за измени и дополнувања во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до пратениците на Собранието на РМ, како вовед во сеопфатни и темелни реформи во медиумскиот систем.

Целта на измените и дополнувањата на законот е да обезбеди независен и професионален регулатор, институционална автономија и уредувачка независност на МРТ, како и намалување на обврските и високите казни кон медиумите. Исто така, потребно е да се забранат владините реклами во медиумите.

Петте организации истакнаа дека за да се создадат услови за фер и демократски избори, покрај измени на медиумските закони е потребна и нивна целосна имплементација.

Претседателот Иванов изрази подготвеност да помогне во процесот и побара листа на приоритетни теми за кои тој може да даде свој придонес.

Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ)
Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ)
Совет за етика во медиумите на Македонија (СЕММ)
Македонски институт за медиуми (МИМ) и
Институт за комуникациски студии (ИКС)
25 март 2016 година, Скопје