Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Осуда за инцидентот со фоторепортерите во Клубот на пратеници

ZNM
четврток 19 јули, 2018четврток 19 јули, 2018/ четврток 19 јули, 2018

Здружението на новинарите на Македонија го осудува вчерашниот инцидент во Клубот на пратеници кога полицијата спречи фоторепортери да го сликаат моментот на пристигнувањето на претставниците на партиите на лидерската средба поради безбедносни причини, а раководителот на владината служба за односи со јавност Марјан Забрчанец, упатил непримерни коментари кон медиумските работници зошто реагирале на ограничувањата.

Предупредуваме дека овие инциденти претставуваат директен напад врз слободата на медиумите и обид да се криминализира работата на медиумските работници, кои пред јавноста треба да се претставуваат како опасни луѓе. Дополнително, ваквите непотребни инциденти сериозно ја компромитираат и заложбата на новата власт за транспарентно и отчетно владеење и ни ги враќаат сенките од минатото.

Потенцираме дека ако имало безбедносни причини за воведување на нова практика на следење на јавни настани тогаш полицијата навремено требало да ги извести фоторепортерите и снимателите за тоа и да обезбеди алтернативен начин на покривање на настаните со ваков безбедносен ризик без да се предизвика забуна и нервоза.

Укажуваме дека обврска e на Владата е да обезбеди пристап на медиумските работници до сите настани од јавен интерес и да осигура услови за непречена работа без притисоци или закани. Секое поинакво однесување нема да ја подобри состојбата со слободата на говорот и ќе ја задржи Македонија на дното на светските листи за овие слободи.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: