Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Доделени наградите за „Професионално известување за состојбата на бегалците“

ZNM
петок 22 јуни, 2018петок 22 јуни, 2018/ петок 22 јуни, 2018

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Македонското здружение на млади правници и Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации – УНХЦР ги доделија наградите за “Професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2017 година во Македонија”.

Наградите беа поделени во три категории и тоа:

  • Напис или серија написи
  • Емисија, прилог, краток документарец
  • Фотографија

Во категоријата напис или серија написи првото место им припадна на новинарките на Радио МОФ, Емилија Петреска и Стефанија Тенекџиева за написот под наслов „Го испуштиле последниот воз за Европа, сега го живеат македонскиот крпен живот“. Второто место, во истата категорија, припадна на Синиша Станковиќ за неговиот текст со наслов „Осум квадрати надеж“, објавен во „Гласот на Америка“. Трета награда освои Марија Тасев за текстот „Премрзнатото момче од Авганистан не можеше ни да зборува кога го најдоа во Лојане“, објавен во „Дневник“.

Во категоријата емисија, прилог или краток документарец првата награда ја освои Гонца Коцева за прилогот под наслов „Бегалска приказна со среќен крај“, објавена на Телеканал А1 Струмица. Втората награда ја освои Хекуран Акифи за прилогот со наслов „Мигранти во Куманово“, објавен на „Алсат ТВ“, додека третата награда ја доби Петар Клинчарски за прилогот со наслов „Во пресрет на референдумите – која е вистината околу Стратегијата за мигранти и странци?“, објавен на „360 степени“.

Првата награда во категоријата за фотографии ја понесе Ѓорѓи Личовски, за фотографијата под наслов „Refugee stuck in transit center Tabanove village”, објавена во Еpa – European press-photo agency. Во оваа категорија второто место го освои Роберт Атанасовски, додека трета награда му беше доделена на Томислав Георгиев.

На доделувањето на наградите се обрати претставникот на Здружението на новинарите на Македонија Дениз Сулејман, кој истакна дека ЗНМ е убедено дека овие награди стимулираат поодговорно и попрофесионално известување во медиумите во Македонија за ова сензитивно прашање.

Според него прашањето за третманот на бегалците е како темпирана бомба. „Ова прашање е особено важно во услови кога во Европа зајакнува екстремната десница која бегалците ги гледа како опасност и закана. Затоа тука се нашите колеги новинари и репортери кои треба да се борат против овие стереотипи и предрасуди“, истакна тој.

Дејан Кладарин од канцеларијата на УНХЦР им порача на новинарите: „Во УНХЦР високо ја почитуваме вашата важна професија и нејзината моќ да ги информира граѓаните. Ние ја знаеме вредноста на етичкото известување, како и ризикот дека неточното известување може бегалците да ги чини и живот. Се надеваме дека професионалното известување, известувањето засновано на факти, и известувањето што ги информира граѓаните за да донесат свој суд за настаните околу себе ќе надвладеат во медиумскиот простор.“

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin