Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Одбележан Меѓународниот ден на слободата на печатот

ZNM
Thursday 3 May, 2018Thursday 3 May, 2018/ Thursday 3 May, 2018

Здружението на новинарите на Македонија во соработка со претставници на Владата како и партнерите од Европската Унија и амбасадата на САД организираа настан со кој се одбележа Меѓународниот ден на слободата на печатот. На настанот се обратија претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, Лукаш Холуб кој е шеф на одделот за политички прашања, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија и Дејвид Стивенсон, шеф на политичко-економската канцеларија при амбасадата на САД во Скопје.

Во својот говор претседателот на ЗНМ истакна солидарност со колегите новинари од Европа, Дафне Каруана Галиција и Јан Куциак, кои ги положија животите извршувајќи ја својата новинарска должност. „Ретки се професиите како новинарската, каде цената за добро завршена работа се плаќа со живот“, рече Селмани.

Според него, новинарите се напаѓаат, цензурираат и казнуваат со цел да бидат замолчени и вистината да биде сокриена од јавноста. „Денеска треба да застанеме одлучно во одбрана на независните медиуми доколку сакаме да се заштитиме од секој вид на пропаганда и злоупотреба“, истакна тој.

Светскиот ден на слободата на печатот, посочи Селмани, треба да ја потсети Владата за потребата да ги почитува нејзините заложби за слобода на печатот. „Таа има обврска да гарантира безбедност на новинарите и да ја прекине политиката на неказнивост на нападите врз новинарите. Предложениот закон не обезбедува финансиска независност на МРТ и нема гаранција дека јавниот сервис со помалку пари може да произведе поквалитетна програма во интерес на граѓаните. Транспарентноста на владата е подобрена, но новите практики не ги применуваат сите министри. Има примери каде владини функционери ги бојкотираат критичните медиуми“, рече Селмани.

Шефот на одделот за политички прашања, информации и комуникации при Делегацијата на Европската Унија, Лукаш Холуб, рече дека во европските општества, медиумите овозможуваат незаменлива форма на размена на различни мислења и ставови, и дека новинарите имаат неверојатно важна улога во тоа. „Ова не се лесни времиња и истите бараат сериозна и континуирана посветеност и внимание. Во овој процес владата, медиумите, граѓанскиот како и приватниот сектор потребно е да рефлектираат европски вредности во нивната секојдневна работа и живот“, истакна Холуб.

Политичките партии веднаш треба да реагираат кај нивните членови ако тие им се закануваат на новинари. Треба да има нула толеранција за напади врз новинари. Правилното известување и слободата на печатот се многу важни прашања за ЕУ. Но и новинарите треба да известуваат правилно и нетенденциозно“, вели Лукас Холуб, претставник на ЕУ

Претставникот од американската амбасада, Дејвид Стивенсон, нагласи дека оваа година темата на Меѓународниот ден на слободата на печатот е контролата на власта. Тој рече дека транспарентноста која ја овозможуваат медиумите е од непроценета важност за одговорноста на власта и владеењето на правото во државата. Стивенсон го пофали ЗНМ во промовирање на слободата на говорот. „Би сакал да се заблагодарам на Здружението на новинарите на Македонија за својата работата, особено за водењето на регистарот на напади врз новинарите кој честопати го користиме во подготвување на разни извештаи“, истакна тој.

„Заеднички треба да работиме на стандардите во однос на слободата на медиумите кои ќе важат за секоја влада. Ние досега направивме значително, но има уште многу работа пред нас“, рече министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски. Тој додаде дека оваа владина гарнитура ќе има нула толеранција за заканите и уцените кон медиумските работници.

Денешниот настан беше организиран во рамките на проектот „Мрежа на новинари за медиумските слободи“, кој е финансиран од Европската Унија.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: