Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ЗНМ за извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции

ZNM
Friday 27 April, 2018Friday 27 April, 2018/ Friday 27 April, 2018

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, денеска се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции, каде се разгледуваше Извештајот на Европската комисија.

Селмани рече дека сите се согласни дека има напредок во споредба со претходната година, но дека сме далеку од сериозни реформи во медиумите. Тој истакна дека главна забелешка е политиката на неказнивост на нападите на новинари „Најзначајната порака, што ни ја праќа ЕК преку овој извештај е нулта толеранција кон физичките и вербалните напади на новинари. Во слободни и демократски земји нема место за тепање и за заплашување на новинари, а кога до тоа сепак ќе дојде, институциите мора да имаат капацитет да водат ефикасни истраги за откривање и казнување на насилниците“, рече Селмани.

Според него, ЕК ја препознала потребата за длабока реформа во Македонската радио телевизија, особено во делот на институционалната и уредувачката независност.

„Не може да се зајакнат капацитетите на МРТ со помалку пари. Ако се усвојат измените на ЗААМУ, јавниот сервис ќе има пет милиони евра помал буџет во споредба со 2016 година. Нашата дилема е како со помалку пари јавниот сервис ќе треба да отвори уште два нови телевизиски канали и еден радио канал со програма од 24 часа“, рече Селмани. Тој уште еднаш посочи дека доколку оваа година МРТ не стартува со ист буџет од 2016 година, нејзината мисија ќе биде невозможна.

Селмани ја повика власта да најде механизми за канзување на говорот на омраза, кој како појава е нотиран во извештајот. „Ние како ЗНМ не само што сме предупредувале постојано на негативните последици од оваа појава, туку и сме поднесувале иницијативи пред Основното јавно обвинителство да ги гонат лицата што ширеле говор на омраза“, истакна Селмани.

Тој ја пофали отвореноста на Владата, меѓутоа посочи дека оваа практика не ја негуваат сите институции подеднакво. „Владата мора да најде сила да ја смени ваквата недемократска практика на одредени нејзини функционери затоа што бојкотирање на новинарите значи дека тие одбиваат да бидат отчетни пред граѓаните“, рече Селмани.

На крај Селмани го поздрави учеството на опозицијата во процесот на медиумските реформи и апелираше сите да се вклучат конструктивно во амандманската расправа за ЗААМУ.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: