Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ДоказМ постапи неетички кон министерот Поповски

профилна знм
ZNM
среда 25 април, 2018среда 25 април, 2018/ среда 25 април, 2018

Советот на честа на Здружението на новинари на Македонија минатата недела разгледа околу десетина претставки на граѓани и организации, кои се жалат на неетично известување на новинари.

Советот на честа, разгледувајќи ја претставката на министерот за транспарентност и отчетност Роберт Поповски, во врска со објавен текст во порталот Доказ М, во кој жалителот е етикетиран како силувач, утврди повеќе прекршувања на Кодексот на новинари. Советот смета дека посочениот текст содржи етикетирања и навреди за Поповски, а притоа новинарот не направил обид да ги провери објавените информации.

„Објавувањето на вакви текстови нема ништо заедничко со слободата на медиумите, туку се нејзина негација и ја деградираат новинарската професија“, се вели во мислењето на Советот на честа.

Советот ја одби жалбата од Ненад Живановски против дневниот весник „Слободен печат“, кој на 15 март објави фотографија, со која се илустрираше извештај од протест пред Собрание, со наслов „Вмровците ги покажаа забите“. Советот оцени дека фотографијата е автентична од протестот, а лицата сликани на протест треба да бидат свесни дека можат да бидат под лупа на медиумите.

„Новинарите имаат право од различни агли да известуваат за настаните од јавен интерес, а плурализмот на медиуми е важен сегмент од слободата на изразување“, констатира Советот на честа.

Советот не утврди прекршување на Етичкиот кодекс на новинари ниту во случајот на порталот „Република“, кој на 12 декември минатата година објавил измислена изјава на бизнисменот Минчо Јорданов, во која тој наводно најавува тужба со цел да го заштити брендот на неговиот весник ако решението за спорот со името биде „Нова Македонија“.

Советот утврди дека во случајот очигледно се работи за сатиричен текст, со кој порталот изразува одреден став кон преговорите за името. „Сметаме дека ваквите текстови не треба да бидат разбрани во буквална смисла. Овој начин на новинарско изразување е легитимен“, се додава во мислењето на Советот.

Две претставки Советот воопшто не ги разгледа затоа што беше очигледно дека подносителите имаат намера да покренат судска постапка за клевета. Советот смета дека е неприфатливо новинарите да се казнуваат двојно, и од новинарската фела и од судот. Целта на саморегулацијата е да се изрече морална санкција на новинарите, а засегната страна да добие морална сатисфакција.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin