Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Советот на честа донесе пет одлуки

ZNM
Thursday 12 April, 2018Thursday 12 April, 2018/ Thursday 12 April, 2018

Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија донесе одлуки за пет претставки кои беа доставени на разгледување. Сите пет случаи беа сериозно разгледани и при одлучување за истите беа земени во предвид одредбите од новинарскиот кодекс, како и сите други важни аспекти.

Првата претставка за која одлучуваше Советот беше доставена од Армијата на Република Македонија за текст објавен на 07.08.2017 од страна на новинарот Зоран Божиновски. Текстот бил објавен на порталот www.kontrastav.com со наслов „Заташкан секс скандал во АРМ“. Советот на честа утврди дека овој текст ги нарушува принципите на Кодексот на новинарите, бидејќи се објавени непроверени информации, а притоа не била контактирана втората страна, односно во овој случај Генералштабот на АРМ.

Втората претставка за која одлучуваше Советот беше доставена од страна на адвокатката Павлина Зефиќ. Таа се однесуваше на новинарот Љубиша Станковиќ, за текст објавен во порталот www.sudstvo.mk на 13.11.2017 како и на фотографијата која била употребена во текстот, а била преземена од нејзиниот Фејсбук профил. Советот на честа реши да ја отфрли претставката бидејќи смета дека новинарот Љубиша Станковиќ не нарушил ниту една одредба од новинарскиот Кодекс во текстот. Исто така, според Советот не е спорно тоа што новинарот искористил фотографија од јавниот профил на адвокатката Зефиќ.

Третата претставка беше поднесена од страна на Златко Теодосиевски. Таа се однесуваше на новинарите Христо Ивановски и Горан Петревски, кои користеле делови од колумната на Теодосиевски за емисијата „Отворено студио на ТВ НОВА“. Во претставката Теодосиевски се пожали дека не бил информиран дека во емисијата ќе бидат употребени делови од неговата колумна, ниту пак бил повикан во емисијата за да ги презентира своите ставови и гледишта. Советот на честа ја уважи оваа претставка и смета дека тоа што не бил Теодосиевски повикан за да го искаже својот став во некоја од наредните емисии е спротивно на етичките норми и со тоа на Теодосиевски му се скратило правото на демант.

Четвртата и петтата претставка за кои одлучуваше Советот беа поднесени од Ристо Новачевски и Центарот за дијализа – Диамед Македонија. Тие се однесуваа за текстови објавени во неделниот весник „Фокус“. Првиот текст беше насловен „Фирмата на кумот на Груевски увезувала фалсификувани лекови од Турција“ додека вториот текст беше насловен „И Словенецот Јанез Јелникар увезувал лекови од Турција“. Во претставките, Новачевски и Центарот за дијализа – Диамед Македонија тврдат дека во објавените текстови се изнесени лаги и невистини како и дека е нарушен угледот на Центарот за дијализа – Диамед Македонија. Советот на честа ги разгледа текстовите и контактираше со новинарките по однос на овие два текста и донесе одлука да ги отфрли претставките на Ристо Новачевски и на Центарот за дијализа – Диамед Македонија како неосновани. Според Советот, во текстот никаде не е наведено дека Метро Медикал е паралелен увозник на лекови од Турција, а новинарката во текстот се повикува на тврдења од опозицијата и ги повикува надлежните да го истражат случајот. Со тоа Советот смета дека новинарките не го нарушиле новинарскиот Кодекс. 

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin