Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Осуда на напад на новинар во Струга

ZNM
Friday 26 January, 2018Friday 26 January, 2018/ Friday 26 January, 2018

Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот на новинарот на онлајн медиумот strugalajm.org,  Арманд Брахо што се случи неделава во хотелот „Дрим“ во Струга. Според исказот на новинарот, насилници од редовите на партијата Алијанса за Албанците го нападнале за време на конференција, на која тој бил уредно поканет.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани, ги повикува властите брзо да го истражат случајот и да ги казнат насилниците. „Доколку сака новата власт да испрати јасна порака дека нема да толерира напади врз новинари мора да го истражи случајот и да ги изнесе насилниците пред лицето на правдата“ истакна Селмани.

Ваквиот насилнички атак ја потврдува оценката од Извештајот на ЗНМ за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите во 2017 година каде се вели дека нападите врз новинарите се поттикнати од политичките партии.

Според исказот на колегата Брахо, претседателот на Алијансата Зијадин Села, пред да ја напушти конференцијата во Струга му се обратил нему со зборовите: – „Бегај одовде и не се враќај повеќе, оди кај тие што те пратиле за да им земеш интервју“. По ова, лица од партијата Алијанса за Албанците почнале да го малтретираат новинарот, го спречиле да ја пренесува конференцијата во живо, а по завршувањето на настанот новинарот бил и физички нападнат.

Брахо ги пријавил насилниците во полиција. Досега едно лице било повикано на распит, по што од МВР изјавија дека ќе биде поднесена соодветна прекршочна пријава против лицето, а се работи и на идентификација на другите насилници.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: