Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Анализа: Пресуди за клевети и навреди на судски предмети со новинари

Протест пред судот
ZNM
вторник 16 јануари, 2018вторник 16 јануари, 2018/ вторник 16 јануари, 2018

Со влегувањето во сила на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во ноември 2012 година, се воведе граѓанскo-правна одговорност за клеветата и навредата со што беше регулирано прашањето на надоместокот за нанесената штета на честа или угледот на физичко или правно лице кое е засегнато од клеветничко или навредливо изразување.

Една од главните цели на овој закон беше да се избегне појавата на самоцензура кај новинарите и медиумите која произлегува од можноста новинарите кривично да одговараат за објавен критички говор кон носителите на јавни функции. Ваквиот став беше застапен во препораките на Советот на Европа и забелешките на Европската комисија изнесени во извештаите за остварениот напредок на Македонија.
Ефекти од примената на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во првите четири години      

Во периодот пред стапувањето во сила на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, во судовите во РМ имаше околу 700 судски постапки за клевета или навреда покренати според одредбите на Кривичниот законик, од кои во околу 330  постапки  беа вклучени новинари.

Не постојат сеопфатни и систематично собрани официјални показатели за бројот на нови судски постапки покренати против новинари по стапувањето во сила на овој Закон, но генерален заклучок е дека овој број беше значително намален. Центарот за развој на медиуми, во текот на 2013 и 2014 година, набљудуваше 74 судски постапки од кои 16% биле тужби на новинари против новинари, уредници и медиуми. Пред првостепениот суд биле завршени 43 постапки, а само во пет била утврдена одговорност за навреда и клевета. Во текот на 2015 година, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) исто така организираше длабинско набљудување на 39 судски постапки во кои биле инволвирани новинари, при што дури 17 биле судски постапки во кои и тужителот и тужениот се новинари или уредници. Од 39-те постапки, пред судот биле завршени 8, од кои во 7 новинарите биле ослободени од каква било одговорност, бидејќи било оценето дека новинарот го штител јавниот интерес и немал намера да му нанесе штета на угледот на тужителот. Само во еден случај судот делумно го прифатил тужбеното барање, односно утврдил дека постои клеветење, но не донел одлука за надоместување на штета.

Согледувањата од примената на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда во периодот од почетокот на 2013 до крајот на 2016 година, можат да се сублимираат во неколку важни точки:  

  • Бројот на судски постапки против новинари е значително помал во овој четиригодишен период и не се јавуваат пресуди со високи парични казни кон новинарите со исклучок на поединечни судски постапки (пример: Мијалков против неделникот Фокус),
  • Постапките во кои како странки учествувале носителите на јавни функции се одвивале побрзо, а при постапувањето на судиите е забележана тенденција на неоснована заштита на честа и угледот на функционерите,
  • Трошоците за водење на постапките пред граѓанските судови се мошне високи, што пак им овозможува на оние кои тужат новинари да имаат високи парични побарувања од судот и
  • И покрај напорите на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, ЗНМ и други организации, голем број судии се уште се недоволно обучени за судските постапки што се однесуваат на навреда и клевета и за користење на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Заштитата на јавниот интерес и правото на чест и углед во судските пресуди за навреда и клевета

Од страна на ЗНМ е направена куса анализа на вкупно седум судски случаи за кои се донесени правосилни пресуди. Во сите седум случаи, тужбените барања се одбиени како неосновани, односно не е утврдена одговорност на тужените новинари за клеветничко изразување. Во моментов, според сознанијата на ЗНМ, во судска постапка има околу 39 случаи против новинари, и тие не се опфатени со анализите бидејќи за нив се уште не се донесени правосилни пресуди.

Седумте пресуди се анализирани од неколку аспекти: времетраењето на постапката; изведувањето докази од страна на судиите; проценката на судијата за балансот меѓу јавниот интерес и заштитата на честа и угледот на тужителите; начинот и мерата во која судиите во образложението на пресудата се повикуваат на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

Назив на случајот Тужител/Тужени Исход
Владимир Талески против Блажевска и други Тужител: Владимир Талески, градоначалник на општина БитолаТужени: Анета Блажевска, дописник на „Утрински весник“ од Битола, Соња Крамарска, главен и одговорен уредник на „Утрински весник“, Друштво за услуги Медиа Принт Македонија, Васко Ковачевски, советник на Општина Битола од СДСМ Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 11 септември 2015.
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги  против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ Тужител: Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услугиТужени: Ацо Кабранов, главен уредник на порталот „Либертас“, Здружение на граѓани ПРО ЛИБЕРТИ Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 18 февруари 2016.
Самсоненко против Спорт Инфо Медиа Тужител: Сергеј Борисович Самсоненко, сопственик и претседател на УО на РК „Вардар“Тужени: Друштво за промет, трговија и услуги  Спорт Инфо Медиа ДООЕЛ Скопје, Никола Ѓуровски, главен и одговорен уредник на порталот „Екипа МК“, Стефан Цаневски, новинар Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 5 мај 2015
Драган Павловиќ-Латас против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ Тужител: Драган Павловиќ-Латас, новинарТужени: Ацо Кабранов, главен уредник на порталот „Либертас“, Здружение на граѓани ПРО ЛИБЕРТИ Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 3 октомври 2016
Драган Павловиќ-Латас против Героски, Шушлеска и „Слободен печат“ Тужител: Драган Павловиќ-Латас, новинарТужени: Бранислав Героски, главен уредник на „Слободен печат“, Мими Шушлеска, новинар и Друштво за издавање и маркетинг „Слободен печат“ Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 13 мај  2016
Миленко Неделковски против Чадиковски и други Тужител: Миленко НеделковскиТужени: Младен Чадиковски, главен и одговорен уредник на А1 телевизија, Владимир Тевчев, новинар и Добривој Будимски, извор-соговорник во прилогот (невработен) Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 19 мај  2015
Ивона Талевска против „Фокус“, Костова и Јордановска Тужител: Ивона ТалевскаТужени: Медиа Плус Фокус ДООЕЛ, Јадранка Костова и Мери Јордановска Тужбата е одбиена како неоснована, со пресуда од 17 ноември  2015

Во овој контекст, особено важно прашање за новинарите е судиското расудување за балансот меѓу јавниот интерес што го штитат новинарите во своето известување и заштитата на честа и угледот на лицата што се предмет на новинарските текстови. Иако станува збор само за седум судски пресуди, од нив може да се заклучи дека судиите покажуваат познавање за карактерот на новинарската професија и  разбирање за  важноста на критичкото  новинарство за демократската дебата и заштитата на јавниот интерес. Ова особено се однесува на трите случаи во кои како тужители се јавуваат носители на јавни функции (Владимир Талевски), јавни институции (Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги) и јавни личности (Сергеј Борисович Самсоненко).

На пример, во образложението на пресудата за случајот Владимир Талески против Блажевска и други, јасно се нагласува дека новинарката Блажевска, во текстот со наслов “Колку е богат Владимир Талевски“ (објавен во Утрински весник од 23-24 ноември 2013 година), информирајќи за дел од расправата во Советот на општината Битола, „…несомнено … се водела од јавниот интерес, бидејќи станувало збор за прашања  поврзани со работата на локалната самоуправа.“ Притоа, се додава и дека очекувано е „новинарите, аналитичарите и сите релевантни експерти да реагираат на настани од ваков вид ако се има предвид карактерот на јавност и отчетност која ја има функцијата градоначалник.“ Според тоа, за Судот е недвосмислено јасно дека јавниот интерес што го штитела новинарката Блажевска е поважен од угледот на градоначалникот Талевски, кој поради функцијата на која се наоѓа мора да е предмет на критичко набљудување на новинарите и на јавноста.

Во случајот Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги против Кабранов и ПРО ЛИБЕРТИ, тужителот е правно лице чиј основач е државата. Во образложението на оваа судска пресуда за Судот било пресудно тоа што станува збор за тело со доделени јавни овластувања, чија работа е од интерес за јавноста, па оттаму се нагласува дека носителите на јавни функции во ова тело треба да покажат поголем степен на толерантност кога станува збор за критики упатени од новинарите. Важно е да се одбележи и дека Судот ги земал предвид аргументите изнесени од одбраната за тоа дека, според Европскиот суд за човекови права, државните институции не уживаат правна заштита од клевета и навреда поради зголемениот јавен интерес за нивното работење. Оттаму, и во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда не е предвидена можност државна институција да може да поведе спор.

Во третиот случај – Самсоненко против Спорт Инфо Медиа, Судот обрнал внимание на јавниот интерес што го штитат и новинарите кои известуваат за спортските настани. Имено, во текстот со наслов „Сезнајкото Сергеј Самсоненко“ (објавен на 26 ноември 2013, на Веб порталот „Екипа МК“), новинарот го критикувал сопственикот и претседател на УО на РК „Вардар“ Сергеј Самсоненко за пропустите во организацијата на ракометен натпревар на кој дошло до сериозен инцидент. Оттаму, за Судот било поважно тоа што новинарот имал намера на јавноста да и укаже на лошата организација на спортските натпревари и на неодговорното однесување на организаторите, отколку правото на углед на сопственикот на ракометниот клуб.

Четири од анализираните судски пресуди се случаи во кои новинари (блиски на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ) тужеле новинари за критички текстови во кои се објавуваат информации за различни афери и привилегии што нивните колеги ги добиле од власта. Иако во овие случаи тужителите не се носители на јавни функции, Судот сепак ги нагласува прашањата на јавниот интерес во новинарската професија.

На пример, во двата случаи во кои како тужител се јавува Драган Павловиќ-Латас, како и во случајот Ивона Талевска против „Фокус“, Костова и Јордановска, новинарите објавиле повеќе текстови со информации за имотната состојба на нивните колеги, односно за аферите во кои тие биле инволвирани. Најголем дел од објавените информации биле претходно изнесени на прес-конференција на СДСМ, а во врска со истрагата на Специјалното јавно обвинителство покрената врз основа на снимките од прислушуваните разговори. Судот во обата случаи нагласува дека новинарот се исклучува од одговорност кога известува за изјави и информации обелоденети од трето лице. На пример, во една од пресудите се наведува дека новинарите: „…постапувале во согласност со професионалните стандарди на новинарската професија… само пренесувајќи веќе дадени информации во рамки на прес-конференција на политичката партија СДСМ“.

Случајот Миленко Неделковски против Чадиковски и други е постар случај што бил повторно поднесен по донесувањето на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Уредникот Чадиковски и новинарот Тевчев биле тужени поради ТВ прилогот со наслов „Миленко Неделковски должи плати“ (објавен на поранешната А1 телевизија) во кој му дале можност на соговорникот и извор на информацијата јавно да изнесе информации за имотот што го поседува новинарот Неделковски и за тоа дека му должи неисплатени плати. Судот проценил дека новинарите немале намера да му наштетат на честа и угледот на Неделковски, туку да му овозможат на Будимски пред јавноста „…да ја пробуди свеста и чувството кај тужителот да му го исплати долгот.“

Проф. д-р. Снежана Трпевска

Оваа активност е дел од проектот „Регионалната Платформа на западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и новинарската безбедност“. Содржината на оваа анализа е единствена одговорност на Здружението на новинарите на Македонија и на авторите и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Здружението на новинари на Македонија е институционален грантист на програмата на ЦИВИКА Мобилитас.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin