Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Селмани: Владата сака да има монопол над вистината

naser pres
ZNM
среда 22 ноември, 2017среда 22 ноември, 2017/ среда 22 ноември, 2017

Здружението на новинари на Македонија и Институтот за општествени и хуманистички науки, денеска во Клубот на новинари ја презентираа анализа за ефектите од примената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги врз уредувачката слобода. Анализата е изработена од експертски тимови на Институтот и ЗНМ во рамките на проектот финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Директорката на Институтот за општествени и хуманистички науки, Катерина Колозова, презентирајќи ги наодите од анализата рече дека Законот за Аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е премногу детализиран, до инфантилизирање, до карикатуралност, да се одредува која програма кога да се емитува.

„Со законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се ограничува слободата на изразувањето и, уште повеќе, ќе се воведе цензура и автоцензура во медиумите. Одредбите од законот се доказ на феноменот на „заробена држава “, истакна Колозова и додаде дека преку прекумерна законска регулација ѝ се овозможува на извршната власт прекумерна контрола врз медиумите.

„Најважниот заклучок од оваа анализа е дека во Македонија постои прекумерна регулација на приватните радиодифузни медиуми. Државата премногу се меша во креирање на програмата на приватните медиуми, која негативно се одразува на уредувачката слобода, квалитетот на програмата и финансиската кондиција на медиумите“, рече претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Селмани објасни дека втор заклучок од анализата е дека професионалната етика на медиумите треба да иде објект на саморегулација, а не тоа да се наметне од државата со закони и казни.

Тој збореше и за последната нацрт верзија на законот за АВМУ, со која Владата сака да го има монополот на вистината. „Ако помине овој член, власта во иднина ќе ја утврдува вистината во медиумите. Тој ќе има застрашувачки негативни ефекти врз слободата на говорот и слободата на медиумите. Исто така, ќе ја засили постојната самоцензура и ќе ја задуши критиката во медиумите“, истакна Селмани.

Запрашан во врска со финансирањето на МРТ, Селмани истакна дека 0.7 проценти од буџетот за финансирање на МРТ се недоволни средства за нормално функционирање на јавниот сервис.

„Ако МРТ има долг од 30 милиони евра тогаш како е можно со 15 милиони евра годишно да се сервисираат тие долгови. Дополнително, МРТ со намален буџет нема да може да отвори нов канал на албански јазик, да вработува квалитетен новинарски кадар и да ја развие дописничката мрежа, да ги зголеми платите на новинарите, да набавува нова опрема, а да не говориме за процесот на дигитализација, кој уште не е почнат“, рече Селмани.

Според него, многу е важна соработката меѓу граѓанскиот сектор и медиумските организации. „Вклучувањето на граѓанскиот сектор во дебатата за слободата на говорот, ни е ветер во грбот за решавање на постоечките проблеми во медиумскиот сектор“,  нагласи Селмани.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: