Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Селмани се сретна со Генералниот секретар на ОБСЕ

osce znm mcgo
ZNM
петок 17 ноември, 2017петок 17 ноември, 2017/ петок 17 ноември, 2017

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани денеска заедно со претставници на пет други граѓански организации имаа средба со Генералниот секретар на ОБСЕ, Томас Гремингер, кој престојува во дводневна посета на Македонија.

Амбасадорот Гремингер, ги запозна претставниците на граѓанските организации со целите на посетата во Македонија, да види како земјата ја надмина политичката криза и да се запознае со агендата за реформи на Владата, за што ОБСЕ е заинтересирано да ги поддржи тие напори.

На средбата со Гремингер, Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани збореше за безбедноста на новинарите и за процесот на изменување на медиумските закони. „Во Македонија постои јасна тенденција за неказнивост на насилството врз новинарите затоа што ниеден насилник не е изведен пред лицето на правдата“, рече Селмани. Тој изрази разочарување што пред две недели полицијата приведе двајца новинари во полициска станица за наводно снимање на судии на објавувањето на пресудите за случајот „Диво Насеље“, а во суштина ги испрашувале за снимање на полицијата пред судската зграда. „Тоа е апсолутно неприфатлива практика“, истакна Селмани и додаде дека полицијата сеуште ги третира новинарите како опасни луѓе на кои не треба да им се верува. Тој се заложи да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на насилството на новинари, за кој ЗНМ е подготвен да соработува со институциите.

Во врска со измените на медиумските закони, Селмани рече дека дебатата наместо да го подобри текстот на законот, напротив, го  влошува. За ЗНМ е апсолутно неприфатлива идејата на Владата да ја регулира медиумската содржина. „Тоа е во спротивност со најдобрите практики во европските демократии“, рече Селмани. Тој рече дека наметнувањето на парични казни за начинот на известување на новинарите покажува дека власта сака да ја игра улогата на главен и одговорен уредник на медиумите. Според него, Владата досега не покажала желба за вистинска дебата со аргументи околу моделот за финансирање на Македонската радиотелевизија. Ако таа однапред знае дека за МТВ треба да се одвојат само 0.7 проценти од буџетот на државата, тогаш за што служи дебатата за законот, запраша Селмани.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: