Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Презентирана анализа за онлајн медиумите

naslovna
ZNM
среда 1 ноември, 2017среда 1 ноември, 2017/ среда 1 ноември, 2017

Здружението на новинари на Македонија денес презентираше две публикации во кои се врши анализа на ситуацијата на онлајн медиумите во Република Македонија. Автор на двете анализи е долгогодишниот новинар и консултант за дигитални медиуми Зоран Ричлиев.

На прес-конференцијата наменета за промоција на анализите говореа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, претседателот при Комисијата за жалби во Советот за етика во медиумите на Македонија, Мирче Адамчевски, како и самиот автор Зоран Ричлиев.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани рече дека барањето за законска регулација на онлајн медиумите се коси со препораката на Советот на Европа за слободата на интернет донесена во 2016 година. „Македонија како членка на Советот на Европа има обврска да ги почитува, заштитува и да ги промовира човековите права и основните слободи на интернет “, истакна Селмани

Авторот на анализата Ричлиев објасни дека во јавноста е создадена погрешна перцепција дека онлајн медиумите се надвор од законот. „Сите закони што се однесуваат на одговорноста на традиционалните медиуми важат и за онлајн медиумите. Онлајн медиумите не смеат да користат говор на омраза, да клеветат, да  не го почитуваат право на приватност или да крадат текстови затоа што одговараат исто како и традиционалните медиуми согласно кривичниот законик, законот за клевета, законот за заштита на приватноста или законот за авторско право“, рече Ричлиев.

Според него, потребна е пракса во која медиумите својот интегритет ќе го гарантираат со транспарентен идентитет, преку објавување на сопственоста на медиумот и објавување на импресум каде ќе се види уредувачка структура, а новинарите да ги потпишуваат текстовите.

Адамчевски соопшти дека Советот на етика има донесено нов правилник за членство на онлајн медиумите. „ Да имаат наведено импресум, да потпишат дека ќе ја поддржат саморегулацијата/ќе го почитуваат Кодексот на новинарите и Повелбата за етичко известување и на својата страница да постават банер за тоа. Објавените текстови да се потпишани од автор, да се портали кои редовно објавуваат информативни содржини од јавен интерес, да имаат регистрирано мк – domain, да ги објавуваат одлуките на СЕММ, а при преземање содржини од други медиуми да го наведат изворот“.

Двете објавени анализи можете да ги погледнете на следните линкови:

Препораки за зголемување на интегритетот и професионалноста на онлајн медиумите

Препораки за одговорни онлајн медиуми

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: