Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ЗНМ со иницијатива за помош на печатените медиуми

профилна знм
ZNM
вторник 1 август, 2017вторник 1 август, 2017/ вторник 1 август, 2017

На 21 јули во Клубот на новинари по иницијатива на ЗНМ се оствари средба на која учествуваа претставници на печатените медиуми, членови на ЗНМ, и тоа: неделниците Фокус и Капитал, како и дневните весници Лајм, Коха, Нова Македонија, Слободен печат и Македонски спорт.

На овие средби беше дискутирано за најдобрите практики за субвенционирање на печатени медиуми во регионот и пошироко. Субвенционирање на медиуми како тема е наметната од ЗНМ како одговор на проблемите со кои се соочуваат печатените и локалните медиумите поради појавата на интернетот и социјалните мрежи, кои негативно влијаат на нивниот опстанок. Ние секогаш сме се спротивставувале на вмешување на владата во финансирање на медиумите преку владини реклами затоа што со тоа се влијае на пазарот и на уредувачката политика. Меѓутоа, разни форми на субвенционирање на најкревките медиуми, под јасни и транспаренти критериуми, се присутни секаде во земјите од Европската унија.

Присутните побараа идните консултативни средби да се одржат по покровителство на МИОА, како надлежен орган за медиумските политики во Република Македонија. На ова барање, ЗНМ одговори со допис до МИОА со кој беше побарано од министерот Манчевски да ја разгледа можноста да се формира експертска работна група во рамки на министерството на која освен претставници на весниците и ЗНМ, треба да се вклучат и стручните служби на МИОА. На средбата би се разговарало и за формите на субвенционирање на печатените медиуми на национално и локално ниво, како што се даночните олеснувања, попусти за одредени јавни услуги, субвенционирање за хартија и печатење, како и директна форма на помош за истражувачко новинарство.

ЗНМ во интерес на очекуваните реформи кои имаат за цел да ја подобрат состојбата на медиумите во државата, инсистираше оваа средба да се оствари што поскоро.

Членовите на ЗНМ дополнително ќе бидат информирани за заклучоците кои ќе произлезат од овие средби.

01 август 2017 година, Скопје

facebooktwittergoogle_pluslinkedin