Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ЗНМ бара повеќе пари за финансирањето на МРТ

Minister za informaticko opstestvo
ZNM
петок 14 јули, 2017петок 14 јули, 2017/ петок 14 јули, 2017

Министерството за информатичко општество и администрација денска во Скопје организираше јавна консултација со новинарските и медиумските организации посветено на реформите во медиумите.

На настанот присуствуваше и претседателот на ЗНМ Насер Селмани, кој ја критикуваше одлуката на владата во ребалансот на буџетот да обезбеди само 3.2 милиони евра за финансирање на Македонската радиотелевизија во последните три месеци од 2017 година.

Селмани рече дека владата е неконзистентна во врска со реформата во МРТ затоа што лани пратениците на СДСМ го поддржале предлогот на новинарските организации еден процент од државниот буџет да се одвои за финансирање на МРТ, додека сега како власт со ребалансот предвидено многу помалку средства од тоа што сега ги има куќата како приходи.

Со овој пристап, објасни тој, владата не ги почитува препораките на Советот на Европа, кои инсистираат на политичка и економска независност на јавниот сервис.

„Ветувате зајакнување на капацитетите на МРТ, а од друга страна предвидувате помалку пари за финансирање на куќата и се заканувате дека ќе го смените директорот на јавниот сервис. Јас сум прв што се залагам за смена на директорот, но има други начини како се прави тоа, а не со закани. Така не се обезбедува независноста на МРТ“, истакна Селмани.

Тој ги одби како неосновани објаснувањата на владата дека нема пари во буџетот за повеќе средства за МРТ. „Не го прифаќаме таквото објаснување. Парите ќе мора да ги најдете ако сакате да имаме независен јавен сервис“, додаде претседателот на ЗНМ.

Тој ја повика владата да ги зголеми средствата за МРТ со ребалансот инаку ЗНМ ќе ги искористи сите можности да ја алармира домашната и меѓународната јавност во врска со намалувањето на средствата за работа на јавниот сервис.

Како позитивна, Селмани ја оцени одлуката за укинување на владините реклами, изготвување на извештај од полицијата за насилството против новинари и зголемување на транспарентноста на владата.

Според него, добро е што владата нема намера да го регулира медиумскиот контент и нема да воведе законска регулација на интернет порталите.

Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумиски работници, Тамара Чаусидис искажа загриженост што во приоритетните реформи во медиумите не е опфатен и Законот за работни односи, со кој може да се обезбеди подобра положба на медиумските работници.

„Самоцензурата е проткаена во редакциите. За да се променат работите, треба да се промени и пристапот и менталитетот. Не смее да се дозволи спроведување пропаганда“, порача Чаусидис.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: