Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Претставници на ЗНМ на средба со Претседателот на Собранието

sredba sobranie
ZNM
петок 30 јуни, 2017петок 30 јуни, 2017/ петок 30 јуни, 2017

Здружението на новинари на Македонија и европскиот експерт Питер Ванхојте денеска се сретнаа со Претседателот на Собранието, Талат Џафери, со кого разговараa за идните приоритетни реформи во медиумите и за важната улога на Собранието во нивното спроведување. 

Експертот Ванхојте истакна дека за да може Собранието да ја следи динамиката на реформите треба да се зајакнат неговите капацитети, посебно во делот на организирање на расправите во работните тела и усвојувањето на медиумските закони. Според него, улогата на Собранието за медиумските реформи е важна и поради процесот на селекција и избор на членовите на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија и на Советот на Агенцијата за медиуми, кој треба да биде транспарентен и врз основа на јасни критериуми со цел да се изберат најдобрите пријавени кандидати.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани смета дека Парламентот има важна улога и одговорност за обезбедување на слободата на говорот во земјата. Тој рече дека Парламентот еднаш годишно треба да организира дебата за слободата на говорот и да ги искористи сите механизми за подобрување на состојбата.

Според него, Собранието треба да дебатира за судската пресуда од Стразбур, во која е утврдено прекршување на слободата на говорот на македонските новинари, кои на 24 декември 2012 година, беа насилно избркани од собраниската галерија. Дебатата е потребна со цел да се извлече поука од инцидентот и таквите немили настани никогаш да не се повторат во иднина.

Освен тоа, Селмани побара да се подобрат условите за работа на дописниците во Собрание и да ја подобри комуникацијата со нив преку организирање редовни брифинзи и прес конференции.

Претседателот Џафери изрази подготвеност да соработува со ЗНМ и другите граѓански организации, кои се заинтересирани да учествуваат во комисиските расправи за поедини закони. Џафери вети дека ќе направи се да ги подобри условите за работа на новинарите во Собрание и дека ќе ја подобри комуникацијата со нив.

Скопје, 30.06.2017 година

facebooktwittergoogle_pluslinkedin