Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Владата ветува итни и сериозни медиумски реформи

selmani vanhojte damcevski
ZNM
среда 28 јуни, 2017среда 28 јуни, 2017/ среда 28 јуни, 2017

Претставници на ЗНМ и европскиот експерт Питер Ванхојте денеска имаа средба со министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, на која се разговараше за претстојните реформи во медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани претстави итни мерки што Владата треба да ги преземе со цел подобрување на амбиентот за работа на новинарите и медиумите.

Селмани побара Владата да најде начин да се прекине праксата на неказнување на насилството против новинари и да престане вмешувањето на Владата во медиумскиот пазар. Освен тоа, тој побара длабоки реформи во Македонската радиотелевизија и во Агенцијата за медиуми, согласно предлозите на европскиот експерт.

Според него, треба да продолжи обуката за судиите и обвинителите со цел да има поефикасна примена на праксата на Европскиот суд за човекови права, како и да се подобри транспарентноста на институциите.

Министерот Манчевски рече дека Владата е посветена на сериозни реформи во медиумите и соопшти дека наредната недела во собраниска процедура ќе ги достави измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, согласно предлогот на Ванхојте, кој беше поддржан од ЗНМ, ССНМ, МИМ, СЕММ и ИКС.

Манчевски вети дека Владата ќе организира дебата за измените на законот за да им се даде можност на сите заинтересирани да ги соопштат нивните ставови за предложените измени.

Европскиот експерт Ванхојте потенцираше дека идејата за спојување на Агенцијата за медиуми со Агенцијата за електронски комуникации е лоша. Освен тоа, тој сугерираше Владата да обезбеди најмалку еден отсто од буџетот за финансирање на МРТ, затоа што е нереално да се очекува јавниот сервис да ги исполни обврските, без доволно финансиски средства за работа.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin