Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Остра осуда на смртните закани кон Тричковски

20170616_122838
ZNM
петок 16 јуни, 2017петок 16 јуни, 2017/ петок 16 јуни, 2017

Здружението на новинари на Македонија остро ги осудува смртните закани против новинарот Бранко Тричковски што ги упати актерот Тони Михајловски, кој денеска на неговиот Фејсбук профил напиша дека би можел да го убие Тричковски без да му трепне око.

Говорот на омраза и повикувањето на насилство против новинари е апсолутно неприфатливо и претставува директен напад врз слободата на говорот. Смртните закани имаат за цел да ги вознемират новинарите и да се замолчи критиката во медиумите.

Јавно повикуваме да престанат сите видови на закани и притисоци против новинарите затоа што ваквиот насилнички говор не може да се смета како слобода на изразување, туку е тешко кривично дело кое се казнува со затвор.

ЗНМ наредната недела до Јавното обвинителство ќе достави писмено барање за кривично гонење на Михајловски според членовите 144 и 386 од Кривичниот законик. Се надеваме дека обвинителството ќе ги цени нашите докази и ќе покрене истрага против Михајловски.

Новата влада има законска и морална одговорност јавно да ги осуди ваквите закани и да воспостави ефикасен систем за казнување на насилството против новинарите. Одговорност на владата е да гарантира безбедна средина за работата на новинарите.

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: