Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

МРТ се крие од одговорноста за начинот на известување за инцидентите во Собрание

mrtv
ZNM
четврток 11 мај, 2017четврток 11 мај, 2017/ четврток 11 мај, 2017

Здружението на новинари на Македонија остро ја осудува одлуката на Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија (MРТ) да ја затвори за јавност денешната седница, на која требаше да се расправа за одговорноста на раководството на МРТ и на одговорните уредници за непрофесионалното известување за упадот во Собранието и насилството врз пратениците и новинарите на 27 април, 2017 година од страна на поддржувачи на Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.

Одлуката за затварање на седницата е противзаконска, бидејќи во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги никаде не е предвидена можноста седниците на Советот да бидат затворени за јавност. Неиздржани се аргументите на мнозинството на членови дека седницата морала да биде затворена поради сензитивноста на темата и да се исклучи притисокот врз членовите на Програмски совет и одговорните уредници.

Залудни беа укажувањата на членот на Советот, номиниран од ЗНМ, Ведат Мемедалиу и неговите колеги Илир Рамадани и Анита Љатифи, кои укажувале дека затварањето на седницата е назаконска. Ваквото укажување не било прифатено од мнозиството на членови, кои со седум гласови за, четири против и двајца воздржани одлучиле да ја затворат седницата за јавност. Поради тоа, Мемедалиу, Љатифи и Рамадани демонстративно ја напуштија седницата на Советот, додека членовите што гласаа воздржано за затварањето на седницата, останаа и обезбедија кворум за работа зад затворени врати.

Одлуката на Советот е во спротивност со член два од ЗАВМУ, во кој меѓу другото основна цел е обезбедување на транспарентен, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис. Ваквото однесување на Програмскиот совет на МРТ е во спротивност и со препораките на Советот на Европа за основање и раководење со јавните радиодифузни сервиси, во кои се инсистира на нивна транспарентност и отченост.

Седницата на Програмскиот совет беше свикана по барање на членот на Советот номиниран од ЗНМ, откако Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го повика Програмскиот Совет  да го разгледа начинот на известување на МРТ за насилството во Собранието. Во дописот Агенцијата сметаше дека јавниот сервис не обезбедил навремено информирање на граѓаните за настаните во Собранието и не беа организирани дебати што се од исклучителен јавен интерес.

Здружение на новинари на Македонија

11 Мај, 2017 година

Скопје

 

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: