Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Новинарите се сомневаат за лажен стечај и перење пари во МПМ

18361301_10155348062829637_227366514_n-2-640x480
ZNM
вторник 9 мај, 2017вторник 9 мај, 2017/ вторник 9 мај, 2017

Здружението на новинари на Македонија, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и синдикални претставници на 120 отпуштени новинари од затворените весници на МПМ, Утрински весник, Вест и Теа Модерна во понеделникот јавно го повикаа Основното јавно обвинителство, Управата за јавни приходи, Трудовата Инспекција и Финансиската полиција да влезат во компанијата Медиа Принт Македонија и да го проверат нејзиното целокупно работење затоа што постојат основано сомневање дека компанијата била протуркана во лажен стечај и дека имало индикации за перење на пари.

Новинарот и синдикалниот претставник на вработените од Утрински весник Љубиша Станковиќ побара да се отвори предистражна постапка со цел да се испита како е можно во време кога компанијата кратела плати на новинарите, МПМ на директорката Јана Станисављева и исплаќала плата од 25 илјади евра. „Се сомневаме, а работа е на државниот обвинител да провери дали од МПМ се испумпувани огромни суми на пари“, рече Станковиќ.

Тој исто така побара од обвинителот да го испита и потеклото на 1.3 милиони евра на директорката Станисавлева како содружник на фирмата, особено што пред тоа работела како државен службеник.  Според него, обвинителството треба да провери дали МПМ свесно се турка во стечај со цел да се ослободи од вработените.
„Компанија која е во лоша финансиска состојба е и донатор на политичка партија.За тоа веќе СЈО води постапка за половина милион евра“, истакна Станковиќ.

Ана Антевска, новинар од дневниот весник Вест, рече дека новинарите ден пред да се испечати последниот број на весникот добиле усна информација од секторот за човечки ресурси дека се отпуштаат од работа. „МПМ ни должи плати за март и април, а веќе осум дена 120 луѓе се без здравствено осигурување. Додека трае постапката за прогласување на технолошки вишок имаме право на плати и испратнини, но од компанијата ни рекоа да бидеме среќни ако ја добиеме и мартовската плата“, рече Антевска.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани изрази солидарност и поддршка за колегите од МПМ во остварување на нивните права. „Го осудуваме однесувањето на менаџментот и на сопствениците на МПМ, кои не само што не успеа да ја спасат компанијата, туку се обидуваат и да ги избегнат законските обврски за компензација на отпуштените новинари“,  исткна Селмани.

Тој рече дека уништувањето на МПМ е еклатантен пример како заради политички интереси свесно се уништуваат медиуми. „Единствено слободни и професионални медиуми имаат иднина во Македонија. Се друго е на краток рок и осудено на пропаст“, потенцираше Селмани.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работниици подготвува кривична пријава против непознат сторител за случајот со МПМ, за да прекине праксата на свесно уништување брендови и медиуми.  „Веќе сме во постапка за поднесување на кривична пријава за склучување штетни договори, злоупотреба на службената должност, која што свесно ја однесе фирмата во финансиски тешкотии, ги намали платите на новинарите и на крај дојде до затворање на весниците, а луѓето останаа без работа“, рече Тамара Чаушидис, претседател на ССНМ.

 

09 мај 2017 година, Скопје

facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Tags: