Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Осуда на повиците од Велиновска за линч на новинари

ZNM
Wednesday 11 May, 2016Wednesday 11 May, 2016/ Wednesday 11 May, 2016

Здружението на новинарите на Македонија ги осудува повиците за линч против новинари објавени пред два дена во дневниот весник Дневник. Етикетирањето на новинарите Горан Михајловски, Ацо Кабранов, Борјан Јовановски, Сашо Ордановски, Ана Петрушева и Катерина Блажевска како фашисти, криминалци и предавници, од колумнистот Мирка Велиновска, претставува еклатантен пример на говор на омраза и повикување на насилство. Ваквите брутални напади претставуваат смислена стратегија на власта, која преку нејзините мегафони со закани и притисоци се обидува да ги замолчи новинарите.

Велиновска преку непримерен речник за комуникација со јавноста го девалвира угледот и достоинството на професијата, а преку бесмислена дискредитација на новинари атакува врз еснафската солидарност и медиумскиот плурализам.

Предупредуваме дека доколку надлежните институции го толерираат говорот на омраза, тие  стануваат соучесници во евентуално насилство против новинари. Бараме Јавното обвинителство веднаш да покрене постапка против Велиновска, а полицијата да преземе превентивни мерки со цел да се заштитат новинарите од можни напади.

Исто така, бараме Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги јавно да го осуди весникот Дневник поради објавување коментари во кои се повикува на насилство.

Ги повикуваме новинарите да не дозволат да бидат злоупотребени од политиката и да не ги користат медиумите за јавна пресметка со колегите и неистомислениците.

Скопје, 11.05.2016 година

Здружение на новинарите на Македонија

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin