Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Осуда на заканите врз екипата на ТВ21

ZNM
Wednesday 17 April, 2019Wednesday 17 April, 2019/ Wednesday 17 April, 2019
Здружението на новинарите на Македонија остро го осудува нападот врз новинарот и снимателот на ТВ21 од страна на блиски роднини на градоначалничката на Арачиново, Миликије Халими од СДСМ.
Вчера, откако екипата на ТВ21 снимила прилог во врска со поплаките на жителите на оваа општина во врска со лошата инфраструктура, роднини на градоначалничката Халими упатиле вербални закани кон телевизиската екипа дека ќе им ја искршат камерата и барале снимките да бидат избришани.

Откако новинарите одбиле да ги избришат снимките, истите биле принудени да влезат во општинската зграда на Арачиново и повторно им биле упатени исти закани. Тие и по втор пат одбиле да ги избришат снимените материјали, па инцидентот продолжил во редакцијата на ТВ21 каде истите лица му се заканиле и на главниот и одговорен уредник дека не смее да објавува ништо од снименото. Истовремено, пристигнале и полициски службеници, по што лицата кои се заканувале ја напуштиле телевизијата, а новинарот и снимателот дале исказ во полициска станица.

Ваквото насилничко и примитивно однесување особено од лица блиски до политички фигури е неприфатливо и преставува напад врз слободата на информирање. Тоа претставува класично попречување во вршењето на работата на новинарите. Ја повикуваме градоначалничката Миликије Халими веднаш да го осуди овој напад, а истовремено бараме итна и ефикасна истрага од страна на Министерството за внатрешни работи.

Овој инцидент ќе биде пријавен и во  Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: