Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

ЗНМ: „Репортери без граници“ велат дека има напредок, но потребна е посилна посветеност

ZNM
Thursday 18 April, 2019Thursday 18 April, 2019/ Thursday 18 April, 2019

Северна Македонија бележи скок од 14 места на последниот индекс за слобода на медиумите на Репортери без граници и моментално се наоѓа на 95-то место од вкупно 180 земји во светот. За споредба, минатата година земјата се наоѓаше на 109-то место.

Според оценката на Репортери без граници, овој прогрес се должи пред се на намалувањето на бројот на напади врз новинарите во текот на 2018 година. Сепак, тие ги нагласуаат и негативните појави во медиумската сфера и тоа истите за кои и ЗНМ во претходниот период на повеќе наврати укажуваше и повикуваше на нивно решавање. Дел од овие проблеми се неспроведувањето на реформите во јавниот сервис (МРТ), потребата од измени и дополнувања на дел од медиумските закони како што се: Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда, Законот за слободен пристап на информации од јавен карактер, но и Изборниот законик. Сериозна забелешка во нивниот извештај е културата на неказнивност кога се повредуваат правата на новинарите со што се стимулира идно насилство кон новинарите и медиумските работници. Освен ова, критика се дава и за тенденцијата на одредени високи владини функционери кои се закануваат и навредуваат новинари.

„Добро е што земјата бележи прогрес во последниот извештај на Репортери без граници, но Владата, правосудните органи како и самите медиуми потребно е уште многу да работат со цел да се креира амбиент кој ќе биде поволен за работата на сите новинари и медиумски работници“ истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Тој уште еднаш потсети дека потребно е медиумските реформи да се вратат во фокусот на работата на Владата и Собранието, бидејќи само преку инклузиивен и транспарентен начин може да се дојде до квалитетни решенија, со кои ќе се олесни и подобри работата не само на МРТ, туку и на приватните медиуми. „На овој начин, може да се подобри довербата на граѓаните во медиумите, а нашата земја да го подобри својот имиџ во светот за нивото на слободата на изразување и независноста на медиумите и да го повтори успехот на светските индекси. Потсетуваме дека Македонија во 2007 година беше на 36 место на индексот за слобода на медиумите и ова треба да биде репер кога зборуваме на оваа тема“, рече Чадиковски.

Да не заборавиме дека во споредба со балканските земји Македонија се уште се наоѓа на претпоследно место, пред Бугарија, но зад Словенија, Грција, Хрватска, Србија, БиХ, Косово, Албанија и Романија, што потврдува дека треба уште многу да се работи.

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: