Здружение на новинарите на Mакедонија
Членка на Mеѓународната федерација на новинари IFJ
Основано 1946

Власта не го исполни ветувањето дека ќе нема платена политичка пропаганда во медиумите

ZNM
Monday 12 November, 2018Monday 12 November, 2018/ Monday 12 November, 2018

Здружението на новинарите на Македонија изразува сериозна загриженост затоа што во последните измени и дополнувања на Изборниот законик, што по скратена постапка се предложени од власта и опозицијата во Собранието, не е предвидено и бришењето на спорниот член за финансирање на политичката пропаганда на партиите за време на изборна кампања.

Разочарани сме што Владата не ги исполнува јавните ветувања пред македонската јавност и меѓународните партнери дека по референдумот ќе ја укине можноста јавни пари да се трошат за плаќање на политичка пропаганда во медиумите.

На почетокот од септември годинава, Владата писмено одговори до платформата на Советот на Европа за промоција и заштита на новинарството и безбедноста на новинарите, која во август објави предупредување во врска со спорните измени на Изборниот законик.

Во тој одговор Владата вети дека при наредните измени и дополнувања на Изборниот законик ќе ги земе предвид и укажувањата на новинарската заедница.

Ако остане решението со јавни пари да се финансира политичката пропаганда во приватните медиуми нема да прекинат старите клиентелистички односи меѓу политичките партии и медиумите. Преку ваквите коруптивни односи што претходната власт ги воспостави со владините реклами, власта ја купуваше наклонетоста на медиумите и ги претвори нив во инструмент за ширење политичка пропаганда.

ЗНМ ќе ги информира меѓународните организации за тоа што Владата не ги исполнува дадените ветувања дека при следното менување на изборната регулатива ќе ја избришат можноста јавни пари да се трошат за пропаганда.

 

Скопје, 12.11.2018

Print Friendly, PDF & Email
Facebooktwittergoogle_pluslinkedin
Ознаки: